Георгиевски: Нема да ја потцениме Финска, но ќе ја оправдаме фаворитската улога

Машката репрезентација на Македонија вечерва го започнува походот кон Европското првенство во 2022 година, а прв ривал ќе биде Финска.

Откако Данило Брестовац остана без услугите на Мартин Поповски, во репрезентацијата е повикан искусниот Гоце Георгиевски.

Десното крило очекува победа против Финска, иако смета дека ривалот не смее во никој случај да биде потценет.

„Нормално дека очекуваме победа, играме на домашен терен, фаворити сме и мораме да ја оправдаме таа улога. Корона кризата влијае многу, не можеш нормално да тренираш, не знаеш што да очекуваш цело време тестови се прават…Не ја познаваме многу репрезентацијата на Финска затоа што не сме играле со нив натпревари во поново време,но кај нив сега ракометот е во една нагорна линија и многу подобар отколку што беше во минатото. Треба на овој меч да му пристапиме со доза на претпазливост, да не го потцениме противникот и мислам дека со една дисциплинирана игра ќе оствариме победа“, вели Георгиевски за 24Ракомет. 

Натпреварот меѓу Македонија и Финска се игра вечерва од 20:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.