Гемаљевиќ: „Лозари“ ќе ни даваат дополнителна енергија, наше е да го подигнеме Тиквеш на уште повисоко ниво

Нов чувар на мрежата на Тиквеш ќе биде српскиот голман Јанко Гемаљевиќ, кој дојде во Кавадарци од Црвена Ѕвезда.

Во тимот на Тиквеш има уште тројца интернационалци од Србија, па на Гемаљевиќ не му беше тешко да се адаптира во неговиот прв предизвик во странство.

„До мојот трансфер во Кавадарци играв само во Србија, ова е мое прво интернационално искуство. Дојдов на препорака на капитенот на клубот и мојот долгогодишен другар Страхиња Симиќ. Првиот впечаток за клубот и градот е доста позитивен. Има некои сличности со клубовите во кои играв и гледам дека атмосферата во клубот е многу добра, во градот се следат два спортови (ракомет и фудбал)…Иако Тиквеш е млад клуб, минатата сезона направи најголем успех со освоеното четвртото место и пласманот во Европа, така што на нас е да го подигнеме клубот на повисоко ниво, да дојдеме до трето место и на европска сцена да стигнеме што подалеку“, вели Гемаљевиќ.

Српскиот голман знае дека во Македонија ракометот е спорт број еден и дека ќе има многу навивачи на натпреварите.

„Во Србија интересот за ракометот е помал во однос на Македонија. Многу ми се допаѓа тоа што имаме навивачи овде – Лозари, како што сум известен, тие ќе не бодрат на речиси сите дуели, тоа е многу добро за играчите, особено за помладите, кои првпат играат пред таква атмосфера и самата поддршка тебе ти дава дополнителна енергија. Од условите во Тиквеш сум презадоволен, што се однесува до играчкиот кадар се уште не е комплетиран, генерално сум задоволен, имаме 4-5 засилувања. Краток период сум во Македонија, успеав да видам нешто од Скопје, Кавадарци, Тиквешкото езеро, блиску сум до Србија, па така нема да ме фати носталгија“, заврши Гемаљевиќ.

Прв предизвик за новиот голман на кавадарчани и неговиот клуб ќе биде домашниот натпревар со незгодниот Еурофарм Пелистер 2.