Гаџа: Убаво ми беше во Загреб, ама повик од европски шампион не се одбива!

Тимот на Вардар најде одличен организатор на играта за следната сезона. Станува збор за хрватскиот репрезентативец Анте Гаџа, кој по само една сезона во шампионот Загреб, се сели во Скопје во „Јане Сандански“.

Тој потпиша договор на една сезона, со можност истиот да биде продолжен за уште една ако двете страни се задоволни од соработката. Гаџа вели дека повик од европски шампион не се одбива.

„Мене ми беше убаво во Загреб, бев среќен, но повик од европскиот шампион Вардар не се одбива. Задоволен и среќен сум што одам во Македонија. Пак ќе играм во Лигата на шампионите. Јас сум секогаш тука на поширокиот список на репрезентацијата, но ако се покажам во Вардар, селекторот Червар тоа ќе знае да го цени“, вели Гаџа.

Вардар покрај Гаџа досега се засили со Кантегрел, Талески, Георгиевски, Гаџа, Јагуриновски и Векиќ, како и триото од Вардар Јуниор – Крстевски, Гашовски и Атанасковски.