Вујовиќ потврди: Од јануари ќе бидам тренер на некоја екипа

Некогашниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, некогаш најдобар ракометар на светот со еден тон титули – Веселин Вујовиќ, има долга пауза од ракометот.

Додека траеше подолгата пауза меѓу двете сезони поради корона, Вујовиќ одмораше од ракометот, но вели дека на стартот на 2021 година е подготвен да се врати на теренот како предводник на некоја екипа.

„Во Шабац сум, решив да одморам од ракометот и да се обидам во нешто друго, па со синот и пријателите работиме на овоштарник со круши и цреши. Подготвен сум за ракометна пензија, иако тоа нема да биде наскоро. Во јануари сигурно ќе преземам некој клуб. Додека е лето, имам со што да се занимавам, но кога ќе дојде зима и периодот од 18 до 20 часот, кога обично има тренинг, тогаш не знам што да правам со себе. Саудиска Арабија ме бараше за селектор, но тие ќе одлучуваат за тоа по завршувањето на Светското првенство, но можеби јас до тогаш ќе имам и некоја друга работа“, вели Вујовиќ за „Вести“.

Трофејниот играч и тренер вели дека клупата на Барселона му е дамнешен и неостварен сон.

„Искрено се надевав, како некој што ја освои првата титула во ЛШ со Барса, оставил длабока трага, дека ќе добијам прилика еден ден да станам и тренер на каталонскиот тим. Сепак моето заминување во Сиудад Реал, голем ривал на Барселона, можеби малку ги поремети нашите односи. Можеби некој од клубот тоа ми го зема за зло. Тоа е единствен клуб каде што сакав да работам, а не ми се оствари“, продолжува Вујовиќ.

Некогашниот стратег на „црвено-црните“ вели дека денес многу критериуми се изместени и тоа важи за сите поранешни југословенски републики.

„Ние денес тотално ги изместивме критериуми, тоа важи за сите поранешни југословенски републики. Веќе не се гледа дали некој човек е добар домаќин, татко, чесен и добар пријател, добар работник…Сето тоа паѓа во втор план, ако не е член на вашата партија. Може да биде бараба, криминалец, пробисвет, личност што има проблеми со законот…Не мораме да бидеме истомисленици, за да бидеме добри луѓе. На пример, кога Звонко Шундовски беше тренер на Металург, а јас на Вардар, во најтешкиот период кога на натпреварите се вадеа пиштоли меѓу навивачките групи, кога владееше „лудило“, ние бевме пријатели. Седиме заедно, а утредента играме дерби кое значи живот или смрт, но не зборуваме за ракомет, пријатели сме! Зошто тогаш да не може луѓе од различни партии, кои имаат различни програми, да бидат пријатели ако се добри луѓе, ако секој на свој начин му посакува добро на народот и земјата“, завршува Вујовиќ.