Вујовиќ: Не сум задоволен од македонските играчи, покажаа дека се далеку од квалитетни

Вардар загуби од Еурофарм Пелистер со 22:31 во Супер купот на Македонија на кој настапи без голем број ракометари кои треба да бидат носители на играта во следната сезона.

Тренерот Веселин Вујовиќ не беше воопшто задоволен од изданието на своите ракометари и ја честиташе победата на противничкиот тим. Вујовиќ исто така истакна дека мора многу работи да се променат во тимот за да биде Вардар вистинскиот.

„Немам никаква замерка на победата на Еурофарм Пелистер, ова беше прв од многуте натпревари што ќе ги играме сезонава. Ние сме далеку од вистинската форма, некои играчи се уште далеку од енергијата која треба да ја имаат за да биде Вардар тоа што е. Можеби ова е добра опомена на стартот на сезоната, има уште многу да се игра и ќе се трудиме да промениме некои работи, а некои играчи ќе мора добро да се замислат дали ќе можат да го носат дресот на Вардар“, рече Вујовиќ.

Вујовиќ не е задоволен воопшто од прикажаното на денешниот натпревар, а особено ги спомена македонските играчи кои ќе мораат многу да работат за да дојдат до потребното ниво.

„Секако ни недостасуваа многу играчи, Гурбиндо сигурно на следните натпревари ќе биде тука и Кудуз тоа се играчи кои драстично го менуваат тимот и целата енергија на екипата, исто така и Французите. Денеска беше вака, на турнирот во Струга ќе пробаме нешто друго, во Лигата на шампиони сосема различно. Во секој случај не очекува долг пат. Од ништо не сум задоволен, можеби од загревањето, што треба да кажам после пораз од девет разлика. Не сум задоволен од македонските играчи со кои многу работам, многу вложувам, покажаа дека се далеку од квалитетни. Доколу вака продолжат имам голем проблем“, заврши Вујовиќ.

Истите ривали имаат можност за повторен меѓусебен дуел веќе на турнирот во Струга каде што се главни кандидати за освојување на првото место. Турнирот е на програмата од 12. до 15 август.