Вујовиќ: Не сакам Македонците во Вардар да имаат алиби-улоги!

Веселин Вујовиќ по третпат се врати на кормилото на Вардар и ќе го преводи тимот во новата сезона.

Ќе има многу промени во ростерот, многу нови играчи и македонски ракометари, кои годинава не добиваа премногу минути на паркетот.

„Имав разговор со младите македонски играчи во тимот. Од нив побарав летово да тренираат боречки спортови. Пикерите да тренираат борење или џудо, а бековите и крилата да одат на бокс или кикбокс. Сите боречки спортови се вежбаат во дијагонален став. Така е и во ракометот. Со ова ќе добијат на цврстина, агресивност и храброст. Знаете како е со помладите играчи, штом почнат да вежбаат во теретана веднаш почнуваат да се гледаат во огледало какви бицепси имаат“, изјави Вујовиќ за „Балкан Хендбол“.

Стратегот вели дека не сака Македонците во Вардар да имаат алиби-улоги.

„Не сакам Македонците во Вардар да имаат алиби-улоги и да мислат дека сѐ што ќе згрешат ќе го исправат странците. Сакам да гризат по странците, да ги влечат и да не им даваат да играат повеќе од нив. Камо среќа да имам цел тим составен од Македонци на паркетот, па странците нека гледаат од страна без разлика колку се платени“, заврши Вујовиќ.

Тој ќе се појави на стартот на подготовките кон средината на јули, а планирани се настапи на Струшкиот турнир и на турнири во Германија пред четвртфиналниот двомеч од СЕХА лигата.