ЕП 2022: Време е за историја, време е за подиум на ЕП за Унгарија

На досегашните учества на европските првенства репрезентацијата на Унгарија нема повисок пласман од 6. позиција, но ова може да се поправи на шампионатот на кој заедно со Словачка се домаќини. На ова првенство Унгарците влегуваат со желба за висок пласман и се очекува да бидат едни од кандидатите за медал со оглед на тоа што имаат состав кој е спој на младост и искуство, а покажаа и дека имаат тим во кој владее добра хемија.

Очекувањата овој пат се големи, а тоа се потврди и во моментот кога беше пуштена во користење „Будимпешта арената“. Сепак, дали ќе може во неа да биде напишана историја ќе се види после 13 јануари.

Разликата меѓу Унгарија и селекциите од типот на Данска, Шпанија и Франција сè уште е голема, но Унгарците на Мундијалот пред една година покажаа дека можат да парираат. Во Египт завршија на 5. Место што е доказ дека формата се подобрува и оди во нагорна линија.

Осум од ракометарите се членови на екипите на Веспрем и Пик Сегед, кои го формираат костурот на тимот и кај нив е најголемото искуство. Формата на двете екипи беше на завидно ниво што е надеж дека Унгарија е добро подготвена за настап на домашен терен и ќе може да прикаже игра која сите ја очекуваат. Секако во составот е и играчот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ кој ќе биде во конкуренција за голманската позиција.

ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – БЕНЦЕ БАНХИДИ

Своето деби во сениорската репрезентација го имаше во 2013 година и оттогаш е редовно во составот. Прерасна во столб на тимот и стана и еден од најефикасните секогаш кога е на терен. Има просек од три гола по натпревар, а има големо влијание и во одбраната. Целиот систем на репрезентацијата на Унгарија гравитира околу него. Прогласен е и за најдобар ракометар во 2019 година во Унгарија, а беше и во ол-стар тимот на Европското првенство во 2020 година. Досега има настапи на три европски и три светски шампионати.

ИНТЕРЕСНО

Досега само Шведска успеала како домаќин да победи на Европско првенство, а тоа го направи во 2002 година. Само пет селекции успеале да освојат медал кога биле домаќини на првенството, па Унгарија ќе се обиде да им се приклучи на Шпанија (сребро во 1996 година), Шведска (злато во 2002), Србија (сребро во 2012), Данска (сребро во 2014) и Норвешка (бронза во 2020).

Унгарија досега има 19 победи на 64 натпревари што е 29,6 проценти. Гол разликата е негативна и Унгарија има -112, а само во 2008 година има позитивна разлика од плус три погодоци.

УЧЕСТВА НА ЕП

Ова ќе биде вкупно 13. настап на Унгарија на европските првенства.

Најдобар резултат: 6 место во 1998 година.

РАСПОРЕД НА ЕП – ГРУПА Б

13 ЈАНУАРИ – 20:30ч

УНГАРИЈА – ХОЛАНДИЈА

16 ЈАНУАРИ – 18:00ч

ПОРТУГАЛИЈА – УНГАРИЈА

18 ЈАНУАРИ – 18:00ч

ИСЛАНД – УНГАРИЈА