Врањеш одбра пред Полска и Турција – Словенија без Бомбач, Гајиќ, Шоштариќ…

Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш го состави својот тим за трите последни натпревари во рамките од квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи наредната година во Унгарија и Словачка.

Шанса на квалификациските натпревари ќе им биде дадена и на неколку млади ракометари како Домен Макуц, Тадеј Мазеј и Матиц Грошељ, ракометари од кои се очекува да бидат носители на репрезентацијата на Словенија во иднина.

Врањеш од списокот ги изостави искусните ракометари како Деан Бомбач, Марио Шоштариќ, Драган Гајиќ… Сепак, фактот дека се работи за натпревари против Турција и Полска, искусниот стратег на Словенија не стравува многу во квалификациските предизвици и има доверба во квалитетите на неговите избраници.

Во квалификациската група 4 се наоѓаат репрезентациите на Словенија, Холандија, Полска и Турција. Од групата само две репрезентации ќе обезбедат место на Европското првенство.

Словенците на 27 април ќе играат против Турција и веднаш после натпреварот ќе се упатат на пат за Полска. На 29 април, Словенија ќе се спротистави на незгодната репрезентација на Полска.

Квалификациската авантура на Љубомир Врањеш и неговите ракометари ќе биде завршена со натпреварот против Турција на домашен терен на 2 мај во Целје.