Во Унгарија одложени еден „тон“ натпревари, од федерацијата не знаат како ќе се игра понатаму!

Претседателот на ракометните лиги на Унгарија, Имре Балаши за телевизијата Диги Спорт ја изрази својата загриженост за продолжението на првенството во земјата.

Унгарија е најпогодената земја во ракометот од коронавирусот, голем дел од екипите пријавија заразени играчи, а многу натпревари беа одложени. Освен во домашното првенство ПИК Сегед има проблеми и со настапите во Лигата на шампионите.

Унгарската федерација планира националните шампионати да ги игра по забрзан распоред според кој првенството би завршило во февруари. На оваа тема претседателот на унгарските лиги говореше на спортската телевизија.

„Ако на крајот не најдеме решение, тогаш ќе бидеме принудени сезоната да ја завршиме предвреме. Доколку некоја од екипите замине во карантин, ќе пропушти од 6 до 8 натпревари, имајќи го предвид нашиот густ распоред ќе биде исклучително тешко натпреварите да се распоредат. Загриженост предизвикува и ситуацијата со екипите кои учествуваат во европските натпреварување. Поради густиот календар, не можеме бесконечно да ги одложуваме нивните натпревари. Како резултат на тоа, може да дојдеме во ситуација  едноставно да нема кога да ги распоредиме. Не мислам дека навивачите претставуваат сериозна закана за здравјето на ракометарите. Поради природата на нашиот спорт, контактот меѓу играчите е најголемата опасност за ракометарите“, рече Балаши.

До сега меѓу екипите кои имаа заразени играчи се ПИК Сегед, Комло, Орошази и Дабас. Последен одложен натпревар на екипите од Унгарија е оној на ПИК Сегед и Вардар од Лигата на шампионите.

Ист е случајот и во женската лига, каде што ФТЦ пријави позитивни ракометарки, а покрај нив уште неколку екипи исто така имаа заразени играчи, па и таму мораше да се одложуваат многу натпревари.