Во натпревар со 13 пенали и 11 исклучувања – Металург ја освои Струга

Ракометарките на Металург се вратија на победничките патеки во Женската лига, откако по поразот од Вардар, славеа на гостувањето кај Стружанка со 20-24. Натпреварот беше интересен, двете екипи се бореа максимално за што доказ се 13 досудени пенали и 11 исклучувања.

Домаќинот имаше контрола на теренот на стартот на мечот и успеа да поведе со три гола, 7-4. Но тогаш избраничките на Владимир Паноски како да застанаа. Им дозволија на гостинките од Автокоманда со серија од седум гола да направат пресврт и да поведат со 7-11, а на пауза се замина со 10-13.

Во второто полувреме за момент стружанки се вратија во игра, намалија на минус еден, 16-17, но повторно има црна дупка во нападот и Металург стигна до солидни плус четири предност, 16-20.

Избраничките на Јулијана Дамчевска ја одржуваа до самиот финиш и на крајот прославија триумф со 20-24.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ива Божиноска со шест и Јана Калајџиевска со пет гола, а добра партија имаше и голманката Амра Илјаз. Кај Стружанка, десет погодоци постигна Магдалена Делиоска.