Владата одлучи – продолжува забраната за гледачи на натпреварите!

Ракометните и останатите спортски фанови нема да можат во блиска иднина на терените низ Македонија да ги бодрат своите миленици.

Иако неколку федерации, меѓу кои и Ракометната, упатија барање за дозвола на навивачи во салите, сепак тоа беше одбиено откако бројките на нови позитивни случаи на Ковид-19 се зголемија во последните неколку дена.

Владата одлучи да не го прифати тоа барање и ја потврди забраната за присуство на навивачи, која останува на сила и во следниот период.

„Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината“, се вели во информацијата за одлуките на денешната седница на Владата.

Тоа значи дека нема да има публика на суперлигашките натпревари, ниту пак на европските натпревари на Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер и Куманово.