Веспрем со фуриозно второ полувреме до победа над Монпелје

Ракометарите на Веспрем се израдуваа на вториот триумф во Лигата на шампионите, откако на свој терен, со пресврт, го совладаа Монпелје со 33:31.

Францускиот тим во најголемиот дел од првото полувреме ги држеше „конците“ во свои раце, но предноста која ја имаше, водеше и со највисоки четири гола разлика во првите 30 минути, не беше ниту сигурна, ниту безбедна.

Веспрем никако не можеше да влезе во ритам, во неколку наврати го израмнуваше резултатот, во 20-та минута имаше и предност од 10:9, но кратките блесоци не беа доволни за поволен резултат во првиот дел. Монпелје на полувреме замина со предност од плус два, 15:13.

Гостите по неколку минути игра во вториот дел се одлепија на 17:13, но никако не можеа да воспостават контрола, бидејќи Веспрем постојно се закажуваше и се обидуваше да дојде до камбек. Тимот на Момир Илиќ тоа го направи во 42-та минута, од минус два, 22:20, дојде до камабек, најпрво израмни на 22:22, потоа поведе со 23:22.

Од тој момент Веспрем целосно ја презеде контролата на резултатот. Клучни играчи во направениот пресврт на Веспрем десниот бек беа Недим Ремили и десното крило Микита Вајлупов. Во финишот од дуелот, домашниот тим дојде и до 31:27 и без проблеми ги одработи последните минути.

Најефикасни во победничката екипа беа Јехија Елдера со седум погодоци и Никита Вајлупов со шест реализации. Во поразениот табор се истакна Себастијан Карлсон со шест погодоци.