Веспрем освои една титула во пет години, па ќе се менува форматот на унгарскиот шампионат!

Унгарската ракометна федерација воведе измени во системот на натпреварување за машкото унгарско првенство, и тоа е многу јасно – по притисокот од Веспрем, кој успеа да освои само една титула во последните пет сезони.

Во следната сезона бројот на учесници останува ист. Тоа значи дека во најквалитетното унгарско првенство ќе се натпреваруваат 14 тимови. Како што е веќе познато, екипите кои ќе завршат на прво и второ место во регуларниот дел од првенството обезбедуваат пласман во плеј-оф фазата.

Во споредба со претходните сезони кога за разигрувањето на титулата се играа два натпревари, од следната сезона (2022/23) ќе се играат три натпревари, односно ќе има мајсторка и нема да се игра на гол-разлика, туку во победи. Екипата која ќе стигне до две победи ќе ја освои шампионската титула.

Минатата сезона во Унгарија титулата ја одбрани ПИК Сегед, откако на реванш натпревар против Веспрем триумфираше со 30:29 и само поради гол повеќе на гостински терен остана на ракометниот трон во Унгарија.