Веспрем и Келце го барале Кристопанс

Францускиот ПСЖ за новата сезона остана без дел од играчите кои беа во прв план кај тренерот Раул Гонзалес.

Голманот Коралес замина во Веспрме, Абало потпиша за Елверум, а Ду Риц и Гудјонсен ја завршија кариерата. Најголемата загуба е преминот на Сагосен во Кил, но менаџерот на ПСЖ, Бруно Мартини, вели дека тоа не ги намалува амбициите.

„Потпишавме играч како Даинис Кристопанс, кој го бараше Веспрем и многу други големи клубови. Претседателот на Келце дури и ми се јави да се распраша за можноста да го откупат неговиот договор, но ние секако ја одбивме таа опција. Потоа го ангажиравме најдоброто десно крило од ЕП 2018 година, Феран Соле, а тука е Елохим Пранди, кој сигурно е еден од најдобрите во Европа од неговата генерација“, вели Мартини за „Л’екип“.

ПСЖ ги донесе и голманот Јан Женти, како и вечно повредениот Матје Гребиј. Францускиот тим следната сезона ќе биде дел од групата на Вардар во Лигата на шампионите.