Веспрем едвај го „скрши“ Ференцварош, шампионот на Унгарија со победа доаѓа во Скопје

Дејан Манасков беше стрелец на четири гола од кои два во завршницата од средбата кога Веспрем почна да го прави пресвртот за победа од 35:30 на гостувањето кај Ференцварош.

Шампионот на Унгарија имаше тежок натпревар. Противникот долго се наоѓаше во водство и покажа дека може да се носи барем 40 минути со далеку поквалитетниот тим. Сепак, искуството на ракометарите и квалитетот дојде до израз во завршницата кога играчите на Веспрем ја свртеа средбата во своја корист и дојдоа до триумф.

Манасков одигра добар натпревар, па ова е загревање за дуелот кој в недела ќе биде одигран во СЦ „Јане Сандански“ каде од 17 часот се игра мечот од 10. коло. Полуфиналистите од последниот Ф4 во Келн овој пат ќе се сретнат во Скопје.

Најефикасен против Ференцварош беше Словенецот Драган Гајиќ кој реализираше осумпати. Шест гола постигна Омар Јахија, а петпати прецизен беше Борут Мацковшек.