Велковски: Направивме премногу глупости во клучните моменти

Десниот бек Мартин Велковски денеска беше најефикасен во репрезентацијата на Македонија со шест гола. Тој одигра добар натпревар во нападот, но сето тоа оди во заборав после поразот.

„Прерано е да се зборува што се случи на теренот. Ќе треба прво да анализираме и да видиме каде загубивме. Дали сето ова беше од преголема желба или друго… Сепак, имавме премногу технички грешки. Во клучните моменти направивме и многу глупости. Тие ни дадоа шанса да ги стигнеме, но не успеавме“, рече Велковски.

Овој пораз ја остава Македонија на последното место во групата и без шанса за да се пласира во следната рунда на Европското првенство. В понеделник од 20:30 часот, Македонија ќе игра против селекцијата на Данска во последното коло од првиот круг.