Вардар ќе има поддршка, „Комити“ се подготвуваат за пат кон Битола!

Утре ќе се игра дербито во Суперлигата помеѓу Еурофарм Пелистер и Вардар во кое ќе се решава кој ќе биде новиот шампион на Македонија. Битолскиот состав славеше на последниот натпревар во Скопје, па затоа Вардар ако сака да ја одбрани титулата мора да победи во Битола, реми им одговара на домаќините.

Домаќините ќе имаат максимална поддршка од трибините затоа што билетите кои беа пуштени вчера во продажба се распродадоа за само 15-тина минути. Меѓутоа ниту Вардар нема да биде сам во Битола.

„Комитите“ најавија присуство во Битола со организиран превоз. Собирот пред тргнувањето за Битола ќе биде утре на Железничката станица во 13:00 часот.

Ова само е уште една најава дека утрешниот натпревар ќе биде ракометен спектакл, двете страни секако се надеваат на титула и ја посакуваат победата. Присуството на „Комити“ сигурно ќе донесе и дополнителна работа на битолската полиција, меѓутоа да се надеваме дека ќе бидат избегнати инциденти и ќе гледаме едно спортско и фер навивање. Најавите се дека во Битола ќе пристигнат околу 150 навивачи на актуелниот шампион.