Вардар убедливо ја доби контролата против Металург

По одложените натпревари против Елверум и ПИК Сегед, ракометарите на Вардар ја одржуваат формата пред средбата со Фленсбург во Лигата на шампионите.

Откако триумфираа против Бутел Скопје со 29-22, вечерва избраниците на Стевче Алушовски прославија победа и над големиот ривал Металург со убедливи 37-28.

Тимот од Автокоманда тргна со водство и играше одлично во првите десетина минути кога беше 2-6. Талески, Векиќ и Калараш намалија на 5-6, а првото водство Вардар го имаше по дваесетина минути, 10-9.

Металурзи се вратија во предност преку Додиќ, 12-13, но падот на концетрација во финишот на полувремето го искористи Вардар и со серија од пет погодоци, стигна до плус четири на пауза, 17-13.

Во вториот дел доминираа „црвено-црните“, имаа во еден момент и предност од 11 погодоци 35-24, но на крајот победата беше девет голови, 37-28.

Ова беше последната проверка пред дуелот со бундеслигашот Фленсбург на домашен терен од Лигата на шампионите, па тренерот Стевче Алушовски има јасна слика за формата на сите ракометари.