Вардар тргна добро, но потоа загуби здив: Веспрем со плус четири на одмор

После 30 минути игра во Веспрем арена тимот на Веспрем има сигурна предност од четири гола и водство од 21:17.

Ракометарите на Вардар тргнаа добро во натпреварот и со голот на Кристопанс поведоа со 1:0 откако домашните не го реализираа првиот напад. Сепак, не можеше да се направи поголема предност бидејќи домашните враќаа на секој погодок на Вардар. Се играше гол за гол, а откако Вардар поведе со 4:3 следуваа три гола на домашните за прво водство од два гола, 6:4. Веднаш потоа откако шампионот на Македонија преку Дисингер дојде до петтиот погодок следуваа одново три гола на домашните, па во 13. минута веќе имаа 9:5.

Тука домашните веќе имаа контрола на играта. Лесно успеваа да стигнат до погодок и да реализираат во нападот, а највисоките пет гола во првиот дел од мечот ги стигнаа во 16. минута при 12:7. На ова следуваше одговор од вардарци кои успеаја да се изборат за намалување до три гола разлика, 10:13. Во 24. минута намалија и на 13:15 и веќе влегоа во ритам кој даваше надеж за добар резултат пред заминувањето на одмор.

Сепак, откако неколку минути се одржуваа овие два гола разлика, следуваше нов удар од домашните кои отидоа на 19:15. Овие четири погодоци ги зачуваа до крајот на првиот дел и на одмор заминаа со 21:17. Дибиров беше најефикасниот на крајот од првото полувреме со шест гола, а зад него се Дисингер и Кристопанс со по три погодоци, Чупиќ со два, а Калараш, Атман и Шишкарев имаат по еден погодок. Во редовите на Веспрем, Андреас Нилсон со шест гола е најефикасен.