Вардар по одбрана на Куп трофејот, Еурофарм Пелистер посакува нова радост за Битола

Денес во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид започнува големата борба за годинешната титула во Купот на Македонија. На завршницата во машка конкуренција ќе играат екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет и Алкалоид.

Овие четири екипи на охриѓани ќе им понудат возбудлива ракометна програма, па така се очекува двата полуфинални натпревари да бидат исполнети со неизвесност и голема борба за секоја топка. Актуелен бранител на титулата е Вардар, кој во ланското финале во Кавадарци славеше против Еурофарм Пелистер со 23:22.

Токму Купот за Вардар е посебна приказна бидејќи актуелниот бранител на титулата низ историјата се има радувано на 15 освоени Куп титули, најмногу од сите тимови во Македонија. На второто место се наоѓа Металург, со шест титули, од кои последната беше во 2019 година, а на 3. позиција по бројот на титули е Еурофарм Пелистер со вкупно пет, последната титула во Купот на која битолчани се радуваа беше во далечната 2005 година кога тогашниот тим на Пелистер Кометал успеа да ја освои дуплата круна. По една титула во Купот имаат освоено Борец од Велес, Куманово и Тутунски комбинат од Прилеп.

Ракометарите на Владо Недановски во годинешното полуфинале ќе играат против Алкалоид, тим кој што успеа да слави против „црвено-црните“ на првиот меѓусебен дуел од суперлигашкиот плеј-оф. Доколку Алкалоид обезбеди евентуален пласман во финалето, тогаш тимот од Автокоманда ќе направи уште еден клупски успех, по пласманот на европска сцена за следната натпреварувачка сезона.

Еурофарм Пелистер сигурно ќе биде мотивиран по победата над Вардар во суперлигашкиот плеј-оф. Битолчани веќе се на чекор да ја освојат шампионската титула во националниот шампионат и сигурно ќе посакуваат двојна круна. Ракометарите на Еурофарм Пелистер за ривал во полуфиналето го имаат незгодниот тим на Пролет. Тимот на Пролет во оваа сезона покажаа дека е доста незгодни против посилните тимови и сигурно нема да излезе со бело знаме во дуелот со „фармацевтите“.

Куп на Македонија – полуфинални двојки

11.05.2023

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ПРОЛЕТ 17:30ч

ВАРДАР – АЛКАЛОИД 20:00ч