Вардар потсети на шампионските денови, има плус два на одмор против Флензбург

Екипата на Вардар има позитива од два гола после 30 минути игра против Флензбург и резултат од 17:15. Со целосна контрола на играта и резултатот во поголемиот дел од првото полувреме само беше крунисана добрата игра која „црвено-црните“ ја прикажуваат од првата минута така што заслужено се со позитива на одмор.

Почетокот на натпреварот донесе предност од 2:0 за тимот на Флензбург. Сепак, брзо следуваше реакција од страна на вардарци кои за пет минути постигнаа четири гола и во 7. минута имаа 4:2.

Оваа предност беше зачувана, па дури и зголемена откако профункционира одбраната, а добро се развиваше и полуконтрата така што се доаѓаше до позиции за шут.

Таквата игра придонесе во 13. минута резултатот да биде 9:6 за тимот на Вардар. Овие три гола беа надеж за убав резултат, но имаше падови во играта така што не можеше да се биде сигурен и мораше да се продолжи на истото ниво.

И покрај тоа што играта беше далеку подобра од претходните дуели, сепак, после 10:7 во 15. минута следуваа три лоши минути и три примени гола за 10:10. Меѓутоа, тоа не беше воопшто проблем бидејќи работите се изменија брзо и се вратијана потребната позиција откако Вардар заигра одново посилно во одбрана.

На добрата игра во одбрана се надоврза и Кизиќ со неколку одбранети зицер удари така што придонесе за најголема предност во 26. минута од 15:11. До крајот, сепак, разликата пад на два гола, па на одмор Вардар има 17:15.

После првите 30 минути по три гола имаа Дибиров, Чупиќ и Стоилов, а по двапати прецизни беа Дисингер, Јотиќ и Талески. Во Флензбург најефикасни после првото полувреме се Јондал и Јоханесен со по три гола.