Вардар повторно на Супер Глоуб?!

Новото издание на неофицијалното светско клупско првенство Супер Глоуб би требало да се одржи од 6 до 10 октомври 2020 во новиот домаќин Дамам, Саудиска Арабија. Исто како и лани, така и годинава во план е учество на десет екипи, со тоа што четирите најслабо рангирани ќе играат осминафинални натпревари.

Се уште актуелниот европски првак Вардар беше дел од Супер Глоуб на два пати, во годините кога ги освои титулите во Лигата на шампионите, а веројатно ќе биде и третпат. Со оглед на тоа што завршниот турнир од оваа сезона ќе биде во декември, 28 и 29, нема да има претходно нов шампион, па Вардар ќе добие покана за настап, ако не како европски првак, сигурно со специјална покана.

Досега се познати три учесници – Барселона како актуелен освојувач на Супер Глоуб, потоа египетскиот Замалек како африкански првак и катарскиот Ал Араби како азиски шампион.

Преостанатите места треба да ги пополнат европскиот првак, шампионите на Северна Америка и Кариби, како и на Средна и Јужна Америка, плус првакот на Океанија. Тука е преставник од земјата домаќин (Ал Мудар или Ал Веда), а организаторот има и две вајлд-карти.