Вардар не успеа да ја освои Автокоманда, Металург им се врати на победите

Македонскиот шампион Металург, по поразот на гостувањето кај составот на Куманово и по репрезентативната пауза, се врати на победничките патеки во Женската лига, откако во Автокоманда го победи некогашниот првак Вардар со 30-28.

На стартот се играше гол за гол, а гостинките први направија исчекор и  поведоа со 4-6 преку Седлоска, но избраничките на Јулијана Дамчевска набрзина се вратија во игра, израмнија на 7-7 и повторно продолжи играта гол за гол.

По 12-12 во 25. минута, домашните направија одлична серија и со голот на голманката Илјаз поведоа со 16-12. До паузата „црвено-црните“ ракометарки намалија на 16-13, а тоа беше најава за возбудливо второ полувреме.

Металург ја задржа предноста од три голови, 17-14, но вардарки со нов камбек израмнија на 17-17. Немаа сила гостинките да го зададат завршниот удар, па Металург се одлепи на 24-20. Бешеи 26-22 и таа предност се покажа како клучна за победата.