Вардар на одмор со плус четири против Еурофарм Пелистер

Тимовите на Вардар и Еурофарм Пелистер одиграа интересно и возбудливо прво полувреме кое финишираше со 15:11, а истото донесе 27 минути неизвесност и три минути во финишот во кои беше создадена предност од плус четири.

Од почетокот на натпреварот се виде дека мотивацијата е на високо ниво и во двата состави. И вардарци и пелистерци тргнаа решително, немаше многу голови, но се играше израмнето.

Уште во првите 5-6 минути имаше неколку менувања во водство. Гостите имаа 1:0, потоа Вардар 3:2, па Еурофарм Пелистер 5:4… а ова даваше еден интересен тек на настаните во однос на резултатот.

И во следните минути немаше ништо ново. Продолжи истиот тек на настаните и тешко се доаѓаше до менување на стилот на игра и до менување на водството. Одбраните функционираа речиси еднакво така што дури во 28. минута Вардар дојде до 12:10 и тоа беше првпат некој тим да има плус два.

Вардар казнуваше главно преку Дибиров каде најчесто остануваше вишок, а тој беше лидер кај стрелците. Гостите имаа повеќе стрелци со по еден или два гола така што тие потешко можеа на ист начин да стигнат до шанса за гол.

На 45 секунди до крајот беше казнета уште една грешка на Еурофарм Пелистер, па Георгиевски донесе првпат и плус три гола од 14:11, а на пет секунди пред истекот на времето од првиот дел Моралес ги постави конечните 15:11 после првите 30 минути.

Дибиров е прв стрелец со пет гола, додека Моралес има три погодоци кај Вардар. Во Еурофарм Пелистер три гола постигна Мандалиниќ, а по два имаат Кушан и Божиќ Павлетиќ.