Вардар е на чекор до пласман на деветтиот Ф4 во СЕХА

По неколкумесечна пауза, СЕХА лигата продолжува со многу важен натпревар, дуел со кој се одлучува кој ќе биде последниот учесник на Ф4 турнирот што се одржува во Задар од 4 до 6 септември. Вардар го пречекува хрватски Нексе, на реванш четвртфиналниот натпревар, а на првиот натпревар одигран во Нашице во март, Вардар победи со 31-30.

Домашниот тим влегува со мотив да ја продолжи традицијата од претходните осум сезони и повторно да игра за титулата во СЕХА. Вардар е еден од двата тима, заедно со Загреб што учествувале на сите досегашни Ф4 турнири, а македонскиот тим е најуспешниот со пет титули.

Победникот од двомечот меѓу Вардар и Нексе, во полуфиналето на Ф4 турнирот во Задар ќе го има тимот на Загреб како противник. И двата тима, Вардар и Нексе веќе играа во групната фаза, а хрватскиот шампион направи големо изненадување во декември 2019 година кога го совлада Вардар година со 42-26. Но, „црвено-црните“ отпатува за овој меч со втор тим и без ниту една ѕвезда.

Сепак, за разлика од мечот од март, сега двата тима ќе се натпреваруваат со различни тимови, особено Вардар. Неколку нови играчи пристигнаа во Скопје – Робен Кантегрел, Марко Вујин, Патрик Валчак, Анте Гаџа, Јосип Векиќ, Ловро Јотиќ, Томислав Јагуриновски, Филип Талески и Гоце Георгиевски.

Во подготвителниот период, Вардар одигра шест натпревари и двапати беше поразен од Еурофарм Пелистерм, а претходно играше на турнирот во Струга освојувајќи го второто место. Единствено капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти натпреварот во Скопје поради вирусот Ковид-19 и тој веќе ги брои деновите во домашна изолација пред повторно да се врати на тренинзите.

Нексе потпиша со тројца нови играчи – Матео Родин, Александар Бакиќ и Доминик Кузмановиќ. Хрватскиот вицепрвак одигра девет пријателски натпревари и победи само на првите три, но ги загуби последните пет, двапати од ПИК Сегед, по еднаш од Требње, Чурго и Целје.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.