Вардарци како фурија, заверија осминафинале во Лигата на шампионите со стил

Ракометарите на Вардар и покрај сите проблеми и заминувањето на Кристопанс и Атман успеа да го совлада тимот на Мотор Запорожје со 38:28 со што дојде до потребните два бода за пласман во осминафиналето. Малку пред оваа победа на Вардар, триумф имаше и Монпелје над Мешков Брест, па веќе нема дилеми за местото на вардарци во елиминациите.

Од стартот на средбата се виде дека играчите на Вардар се мотивирани. Тргнаа решително и успеаја брзо да направат предност од пет гола. Практично после десет минути имаа 7:2, одличен Марко Кизиќ на гол и цврстина во одбраната.

Сепак, во следните десет минути беше загубен ритамот и беше дозволено противникот да се врати во игра односно да намали на гол разлика и да се доближи до 11:10. Меѓутоа откако во 22. минута беше побаран тајм-аут работите си дојдоа на свое место, па ракометарите на Вардар засилија и одново отидоа на плус пет, па на одмор имаа 16:11.

Она што функционираше во првото полувреме на потребното ниво само беше продолжено од почетокот на вторите 30 минути. Работите одеа во позитивен правец, а за десет минути игра беа обезбедени плус девет гола разлика и водство од 24:15. Тука дојде до мало опуштање и серија од 3:0 за гостите од Украина, но после тајм-аутот одново беше надоместено, па брзо беа вратени деветте гола предност.

[soliloquy id=”123689″]

На девет минути до крајот на средбата конечно беше обезбедена и двоцифрена предност. После одлично пресечената топка од Дибиров, Калараш беше егзекуторот за 32:22. Тука само беше заверена оваа победа, со оглед на тоа што многу порано беше јасно дека Вардар на овој натпревар ќе ги освои бодовите, кои се и повеќе од доволни за осминафинале, а во моментов и за скок на 5. место.

ВАРДАР – МОТОР ЗАПОРОЖЈЕ               38:28(16:11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 3500. Судии: Ваидас Мазејка и Миндаугас Гателис од Литванија. Делегат: Николае Визитиу од Молдавија.

ВАРДАР: Кизиќ (9 одб.), Гедбан (3 одб.), Гогов, Стоилов 3/4, Кукуловски 2/3, Димитриоски, Карапалевски 1/1, Сикошек Пелко 1/1, Скубе 8/8, Калараш 3/4, Чупиќ 6/6, Де Толедо 2/4, Дибиров 5/6, Горбок 5/6, Шишкарев 2/3, Горпишин.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 6 мин.

МОТОР ЗАПОРОЖЈЕ: Комок (7 одб.), Будко, Вујовиќ 3/5, Кубацко 2/2, Бабичев 0/1, Маласинскас 5/7, Пухоуски 6/8, Денисов 5/6, Дорошчук 1/3, Кравченко 0/1, Козакевич 1/3, Гурковски, Касаи 0/1, Кус, Ганчев 3/5, Паровинчак.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 8 мин.