Ване заработи повреда – Барселона веднаш ангажираше нов играч

Актуелниот европски шампион Барселона соопшти дека репрезентативецот на Шведска, Хампус Ване ќе биде надвор од терените неколку недели.

Искусниот ракометар, кој е еден од најдобрите стрелци во каталонскиот гигант, на еден од тренинзите со своите соиграчи заработи повреда.

Ване има скинати мускулни влакна , но според лекарските прегледи, неговата пауза нема да трае долг период.

Швеѓанецот ќе отсуствува најмалку еден месец, а тоа значи дека ќе биде во комбинација за настап на четвртфиналниот дуел од Лигата на шампионите, во кој Барселона за ривал ќе го има победникот од осминафиналниот двобој меѓу Алборг и ГОГ.

Моментална замена за Ване ќе биде младиот Јан Баруфет, кој ќе биде прекомандуван од вториот тим на Барселона.

18-годишниот ракометар покажува одлични резултати во вториот тим на европскиот шампион, па така раководството на Барселона се одлучи да му даде шанса во тимот на Карлос Ортега.

Барселона на левата крилна позиција го има на располагање и 19-годишниот Марти Солер. Тој во декември повторно беше префрлен од вториот во првиот тим на Барселона, откако Аитор Арињо мораше да оди на операција.