Бутел ќе бара нов тренер – а Грчевски нов предизвик

По четири сезони на кормилото на Бутел и постигнување на најголемите клупски успеси, Кристијан Грчевски ќе бара нов предизвик во тренерската кариера, а клубот нов предводник. На Грчевски сезонава му истекува договорот со клубот, и повеќе од веројатно е дека двете страни нема да продолжат да соработуваат.

Грчевски дојде во клубот како асистент на тогашниот тренер Игор Котевски во 2018 година, а од 2019 година ја презема улога на прв тренер по заминувањето на Котевски. Оттогаш па досега успешно го води овој суперлигаш. Но, по четири сезони постои заситеност кај двете страни, и затоа многу веројатно е да се направи промена.

Грчевски уште лани имаше понуда од Охрид, но реши да остане во Скопје. Покрај Грчевски како дел од промените во тимот се заминувања на неколку клучни ракометари кои досега беа дел од екипата, бидејќи им завршуваат договорите. Управата работи на нови засилувања, но и задржување на оние што ќе се вклопат во замислите на клубот. Средниот бек Димитар Ѓоргиевски е првиот што го продолжи договорот со тимот на Бутел Скопје за уште две сезони.

Освојување на третото место во првенството, настап во Лига Европа и стабилен тим се успесите постигнати под водство на Грчевски. Сезонава, резултатите не се на посакуваното ниво, и тимот имаше и доста проблеми со повредени играчи, но и „несреќни порази“ кои го чинеа бодови. Се уште клубот има шанса да се избори за место во европските купови.

Двете страни соработуваат заедно веќе четири сезони. Во оваа сезона тимот имаше големи проблеми во повредени ракометари и во регуларниот дел и во плеј-офот, па скоро на ниеден меч не беше комплетен.

Бутел Скопје до крајот на сезоната ќе се сретне со Алкалоид и Охрид на домашен терен, како и со Пролет на гостински терен. Ако победи три пати, а Тиквеш и Охрид киксираат на другите дуели, тогаш Бутел одново ќе излезе на европска сцена. Тешко за реализација, но сепак можно за остварување.