Бутел Скопје донесе уште еден млад ракометар

Тимот на Бутел Скопје донесе уште еден млад ракометар во своите редови пред стартот на новата сезона. Станува збор за Наум Тасески, кој има 18 години и настапува на средната бековска позиција.

Тасески досега беше дел од младинскиот тим на Вардар, а бутелци со овој потег уште еднаш покажаа дека освен на сениорската екипа, мислат и на иднината, односно на младинските категории на клубот кои имаа одлични резултати минатата сезона.

Претходно за Бутел Скопје потпишаа левиот бек Илија Табаков, кој дојде од прволигашот Борец Велес и има 18 години, како и Андреј Петрушевски, кој исто така има 18 години, дојде од екипата на Вардар и настапува на позицијата десен бек.

Потпиша и левото крило Дамјан Субашевски од Металург РА, а беа потпишани професионални договори на две сезони со шестмина ракометари од младинската школа – Дејан Михајловиќ, Марко Каевски, Петар Цветковски, Филип Бошковски, Наум Симјановски и Стефан Јовевски.

Тимот на Кристијан Грчевски се засили со голманот Филип Ивановски, како и бековите Мартин Манасков, Стефан Крстевски и Филип Николов, а покрај тренерот Грчевски договорите ги продолжија пивотите Јевтиќ и Стојчевиќ, како и бекот Стојановски.

Бутел Скопје ќе игра во групата А заедно со Вардар, Вардар Неготино, Куманово, Охрид, Струга, Прилеп и Алкалоид.