Бутел „купуваше“ од шампионот Вардар – потпиша Стефан Крстевски!

Организаторот на играта Стефан Крстевски е нов ракометар на Бутел Скопје, откако потпиша договор на една сезона третопласираниот тим од Суперлигата.

23-годишниот среден бек (189/83) доаѓа од шампионот Вардар, со кој вчера ја освои титулата во елитното друштво.

„Мојата одлука да се преселам во тимот на Бутел Скопје беше исклучително лесна. Гледам голем простор за мојот напредок како играч во овој амбициозен клуб.Со повеќето играчи сум играл во минатото и мислам дека токму тие ќе бидат од голема помош во моето вклопување и адаптација во тимот. Бутел има големи амбиции и очекувам уште една успешна сезона, како во македонските конкуренции, така и на меѓународна сцена“, изјави Крстевски.

Средниот бек потекнува од Преспа Ресен, каде што играше до 2014 година, потоа беше член на Вардар две сезони, настапуваше и за Вардар Јуниор до 2020, една сезона играше и за Работнички, пред да се врати во Вардар, со кој играше и во Лигата на шампионите.

Претходно Бутел Скопје го обнови договорот со кружниот напаѓач Владимир Јевтиќ.