Бутел го задржа пикерот – Владимир Јевтиќ потпиша нов договор

Српскиот интернационалец Владимир Јевтиќ, и во следната сезона ќе настапува за Бутел Скопје.

По одличните настапи во суперлигашкиот плеј-оф, кружниот напаѓач се обврза на нова едногодишна верност и ќе остане во Бутел најмалку до летото 2022 година.

„Среќен сум што го продолжив договорот со Бутел Скопје. Никогаш досега не сум играл во екипа што има таква хемија и такво другарство. Благодарен сум им на сите во клубот за преубавите пет месеци, сигурен сум дека следната година ќе биде уште подобра. Имам само убави зборови за клубот, управата, тренерите, и среќен сум што и следната сезона ќе бидам дел од ова екипа. Едвај чекам да ја видам и публиката на трибини и сигурен сум дека ќе обезбедиме место во европските купови“, вели Јевтиќ.

Претходно нов договор со Бутел Скопје потпиша левиот бек Јовица Младеновски, а потпис на договорот стави и десниот бек Денис Тот.