Бундес тимот во проблеми – Колбахер неизвесен за настап на ЕП

Репрезентацијата на Германија сѐ уште не може да смета на искусниот пикер од Рајн Некар, Јаник Колбахер, кој поради повреда на адукторот не може да се приклучи во националниот тим.

Неговата судбина за настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка не е позната, но тој во последен момент би можел да биде подготвен за првиот натпревар во Братислава.

Колбахер се здоби со повреда во текот на месец декември минатата година и го пропушти последниот натпревар на неговиот тим во Бундес лигата. За неговиот настап на Европското првенство се ќе зависи од неговата моментална состојба.

Според информациите од таборот на „лавовите“, Колбахер засега е во аут, а за пет дена неговата репрезентација го игра првиот подготвителен натпревар. Германија на 7 и 9 јануари ќе одигра пријателски натпревар против Србија.

Избраниците на Алфред Гисласон на 12 јануари ќе пристигнат во Братислава, додека на 14 јануари го играат првиот натпревар на Европското првенство, а нивен прв ривал ќе биде селекцијата на Белорусија. Освен со Белорусија, ракометарите на Германија ќе се соочат и со селекциите на Австрија и Полска во рамките од Групата Д.