Брестовац: Финска е нашата шанса да видиме во кој правец се движиме

Од 20 часот денеска репрезентацијата на Македонија стартува со квалификациските средби за Европското првенство во 2022 година. Противник е составот на Финска, кој е шанса да се влезе во новите квалификации со победа.

Минатите денови беше возбудливо со оглед на тоа што имаше доста турбуленции со позитивни случаи на Ковид 19 и дел од ракометарите и од стручниот штаб не можеа да се најдат на овој дуел.

Сепак, и во една ваква ситуација беа одработени неколку тренинзи за да може да се дочека овој дуел на максимално ниво на подготвеност.

„Се прилагодуваме на условите и на ситуацијата. Очекувам во квалификациите да тргнеме борбено и да одиграме таков натпревар денеска против Финска. Ова ќе биде шанса, а помладите ракометари и ќе биде шанса да видиме дали одиме во добар правец или не. Се наоѓаме во фаза на подмладување на репрезентацијата и сето тоа мора да биде изведено хируршки прецизно. Затоа овој дуел за нас ќе биде и можност да видиме како се движиме и во овој поглед“, вели селекторот Данило Брестовац за 24 Ракомет.

Тој не можеше да ги има сите ракометари на овој собир, а денеска за ривал има репреентација против која влегуваме како фаворити на домашен терен.

„Ни претстојат две средби. Денеска играме против репрезентација која е ниво послаба. Меѓутоа, потоа следува дуел против селекција која ќе биде еднаква на нашиот квалитет. Затоа очекувам да одиграме два добри натпревари. Поради ситуацијата одработивме помалку тренини од тоа што го планиравме. Работевме максимално и сметам дека за овојкраток период успеавме доволно да сработиме. Ќе биде малку потешко бидејќи имамепомлади ракометари. Ќе беше полесно доколку имавме поискусни, но и вака очекувам да биде добро, да одиграме уиграно, борбено и да прикажеме добра игра“.

Поради протоколот кој е актуелен на оваа средба нема да има присуство на гледачи и ќе се игра без поддршка од трибините.

„Мал хендикеп за нас е тоа што играме без публика, но мислам дека не би требало да имаме никаков проблем доколку ја сфатиме нашата задача сериозно. Наш најголем непријател може да биде ако го потцениме противникот. Можеби овие момци се млади, но веќе имаат големи натпреварувања така што очекуваме да биде добро“, изјави Брестовац.

Ова е првиот натпревар во новите квалификации, а дефинитивно сите очекувања се Македонија да влезе во ова натпреварување со триумф и да тргне кон ново учество на големите натпреварувања.