БРЕСТОВАЦ: Пристапот против Чиле ни беше како да е ’нож под грло’

По првата победа на Светското првенство во Египет и пласманот во главната фаза селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац делуваше задоволно на денешниот брифинг со новинарите.

„Не може да споредиме ниту еден натпревар. Поинаква е подготовката за секој посебно, а и веќе се аклиматизиравме на условите, секојдневно тестирање, органичен простор на движење… Не се ни сомневав дека ќе го победиме Чиле! Она што ме исплаши на првите два натпревари беше тимската реакција, но вчера против Чиле имавме добра реакција и ова е тимска победа. Секој го даде својот оптимум, голмани, бекови, пикери. Презадоволен сум и од некои индивидуални настапи, на кои гледам дека и вие почнувате да им верувате. Во Костески на ова СП може да добиеме крило за следните десет години. Танкоски, Мишевски… почнуваат да покажуваат, иако уште не го дале она што јас го очекувам од нив, а што се надевам дека и вие ќе го видите. Им фалат километри, им недостасува минутажа, но Чиле даде позитивен знак. Одигравме еден изедначен, неизвесен натпревар во кој се боревме за секоја топка и секоја топка ни беше важна. Покажавме и индивидуална тактичка дисциплина, нешто што недостасуваше на претходните два натпревари. Натпреварот беше сфатен ’да се биде или не’, пристапот ни беше како да е ’нож под грло’ и дека мора да се одигра, па можеби имаше и некој жар повеќе, а и уште на загревањето се чувствуваа позитивни вибрации. Ништо не ми даваше до знаење дека ќе биде лесно, тука нема лесно, не сме ниту ние играчи, ниту јас секлектор за да може да дадеме 30-40 посто и да победиме лесно. Ние на секој меч излегуваме како да е последен, најважен и мора на секој да се даде максимум“, коментира селекторот.

Она што следи за Македонија се Русија, Словенија и Белорусија со кои се среќаваме во главната фаза на Мундијалот.

„Искрено се надевам дека ќе одиме чекор напред, уште порастоварено, послoбодно и ќе се наметнеме со младост, борбеност, дисциплина. Она за што дојдовме е исполнето, сега треба да растеме чекор по чекор“, заклучува Брестовац.