Брестовац: Капа долу за Митревски!

Победата на Македонија против Украина во воведниот меч на од групата Б во Виена, воедно беше и победничко деби за селекторот Данило Брестовац на ЕП 2020. Во анализата по натпреварот македонскиот селектор ги посочи добрите и лошите моменти во играта на „црвено-жолтите“, клучната улога на голманот Никола Митревски, а откри и една интересна ситуација за полезната информација што ја добил од физиотерапевтот Димитар Маневски.

„Држевме се под контрола 40 минути. Имавме неколку шанси на отидеме и на 6-7 гола разлика, не успеавме. Имаше и умор кај одредени играчи, имавме и отсуство на концентрација при реализацијата од зицер ситуации. Тешко е да се игра „7 на 6“ толку долг период. Знаевме дека ќе играат, така, но голем плус за нас беше информацијата од нашиот масер Димитар кој на поминување ги слушнал дека уште од самиот почеток ќе играат „7 на 6“, така што навреме ја имавме таа корисна информација. И му благодарам на тоа. Мислев дека нема да почнат така. Очекував дека ќе играат грубо и ќе тепаат и така игра. Проблемот е што ние грешевме во зицер ситуации. Да ги реализиравме тие шутеви ќе беше многу полесен натпревар“ – истакна Данило Брестовац.

Најголема заслуга за првите бодови на ова ЕП, оди кај голманот Никола Митревски кој беше на вистинското место во клучните моменти, одбрани седмерец и неколку зицери и заслужено доби пофалба и од селекторот.

„Имавме среќа кога имавме проблеми во нападот да не извади Никола Митревски. Одбрани и седмерец и неколку зицери. Капа долу! Навремени реакции, зицер реакции, не одржа во живот. Последниот напад сите знаете, видовте – Киро ја реши ситуацијата“ – сумираше Брестовац.

Иако на моменти Македонија имаше и пет гола предност и шанса мирно и убедливо да го добие првиот натпревар, сепак, неколку грешки и пропуштени шанси не доведоа во драматична завршница и во ситуација во последните секунди да се бориме за победа.

„Најважно е што отворивме со победа, им честитам на сите играчи. Колку и да имаш искусни играчи во тимот, тој прв натпревар на големите натпреварувања секогаш е тежок, тешко е да се преброди. Психата тука е посебен проблем, сите сакаме да биде се најдобро. Но, добро е кога добро ќе се заврши“ – истакна селекторот Данило Брестовац.

Утре е ден за анализа, корекција на грешките и подготовка за вториот предизвик – дуелот со селекцијата на Чешка која во денешниот прв меч беше поразена од домаќинот Австрија со 29-32.