Бојаниќ: За да останат бодовите во Охрид, мора да одиграме најдобро што можеме

Екипата на Охрид во недела во рамки на осмото коло од Супер лигата го пречекува Бутел. Охриѓани ќе се обидат да се реваншираат за поразот на отворањето на сезоната кога во Скопје загубија со еден гол разлика, 24:23.

Кружниот напаѓач на охриѓани, Владимир Бојаниќ, кој се враќа во тимот, поради повреда го пропушти дуелот со Вардар Неготино, и овој пат очекува тежок и неизвесен натпревар.

Вели дека Бутел е искусна екипа, но дека тие ќе дадат се од себе за трите бода да останат во Охрид.

„Првото гостување кај Бутел ни беше најтешко. Бутел е една сериозна екипа која и претходната и оваа година покажа дека игра врвен ракомет. Во првиот натпревар имаа проблем со повредите, но сега ни доаѓаат комплетни. Во нападот имаат многу искусни играчи кои веќе долго време се заедно. Ние иако играме подобро од претходно, сепак се уште се воигруваме. И овој пат очекувам еден тежок и неизвесен натпревар, но ние се подготвуваме за тоа. Ги увидовме грешките од првиот натпревар и ќе се обидеме да ги поправиме. Сега сме комплетни, во тимот се врати и Халил Озтурк, ќе изиграме најдобро што можеме, ќе ја стегнеме одбраната, ќе дадеме се од себе и да ги земеме трите бода“, изјави Бојаниќ.

Охрид и Бутел досега одиграле 12 натпревари. Подобри се гостите кои имаат забележано шест победи, наспроти четири за охриѓани, два натпревари завршиле нерешено.

Натпреварот Охрид – Бутел се игра во недела во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 18:30 часот.