Босанците едвај собраа 15 играчи, сега имаат двајца позитивни – бараат одложување на квалификациите

Ракометната федерација на Босна и Херцеговина побара од ЕХФ да бидат одложени двата квалиикациски натпревари против Германија и Австрија за пласман на ЕП 2022 година.

Причината е добро позната, коронавирусот. Поради тоа босанскиот селектор Билал Шуман на собир имаше само 15 ракометари, а по вчерашните тестирања уште двајца играчи се позитивни, а двајца мораат во изолација.

Тоа значи дека само 11 ракометари би имал на располагање за две тешки средби, па затоа беше побарано одложување од ЕХФ.

„До овој момент никој не одговори на нашите барања, но се надеваме дека тоа ќе биде наскоро, инаку ќе имаме само 11 играчи. Тие се наоѓаат изолирани во хотел, секој во посебна соба, со оглед на тоа што имаа контакти со двајцата позитивни играчи“, велат од босанската федерација.

Првиот дуел на Босна и Херцеговина треба да се игра во Диселдорф против Германија на 4 ноември, додека вториот против Австрија во Бугојно на 8 ноември.