Борозан нема да игра на ЕП, но потоа може да се врати меѓу „лавовите“

Селекцијата на Црна Гора славеше на првиот тест во ЕХФ неделата против Босна и Херцеговина, а селекторот Зоран Рогановиќ испробуваше повеќе нови играчи.

Рогановиќ најави дека Вуко Борозан нема да се најде на списокот на играчи за Европското првенство во јануари 2020 година.

„Вуко Борозан дефинитивно нема да игра за Црна Гора на ЕП, но постои шанса по ова натпреварување да се врати во селекцијата“, најави Рогановиќ за црногорските медиуми.

Но, се чини дека за еден друг ракометар, вратата во националниот тим е затворена. Станува збор за Милјан Вујовиќ, кој настапи за Словенија на кадетскиот Мундијал во Скопје.

Тој имаше можност да настапува за сениорите на неговата родна земја, но сепак се одлучи да биде дел во иднина од репрезентацијата на Словенија.