Божовиќ за 24Ракомет: Ако сакаме добар резултат во Битола – мора да го запреме Мандалиниќ

Еден од поискусните ракометари во Татабања, Милош Божовиќ во изјава за 24Ракомет ги сподели неговите очекувања за двата натпревари против Еурофарм Пелистер кои ќе се одиграат во Битола во рамките на Лига на Европа од Д групата.

Црногорецот смета дека ќе биде тешко и на двата натпревари.

„Не очекуваат тешки натпревари против јак противник плус два пати ќе играме на нивниот терен. Сметам дека екипата на Еурофарм Пелистер е сосема солидна и комплетна на секоја позиција и тимот расте од натпревар во натпревар. Мислам дека не очекуваат доста тешки натпревари“, вели Божовиќ за 24Ракомет.

Искусниот репрезентативец на Црна Гора смета дека главна карика во составот предводен од Жељко Бабиќ е левиот бек, Стипе Мандалиниќ.

Фокусот во одбраната ќе биде токму изолирање на шутерот од Хрватска, но исто така претпазливи ќе бидат и на пикерот Томислав Кушан. Екипата на Татабања ќе се обиде со брза игра и добра одбрана да стигне до победа и на двата натпревари.

„Ако сакаме добар резултат треба да го запреме Мандалиниќ како одличен шутер и плус уште некој кој е во одлична форма. Многу ми се допаѓа играта на пикерот, Кушан и во двата натпревари сметам дека ќе биде ударна игла на Еурофарм Пелистер. Што се однесува до нас, шансата ќе ја бараме во нашата претпознатлива одбрана 6-0 и брза игра во нападот и транзиција како и со доста ротации бидејќи на сите позиции имаме по два квалитетни ракометари. Ќе се обидеме да пробаме да играме со брз ритам, исто како и пред две години кога игравме со тимот од Битола“, додаде Божовиќ.

Екипата на Татабања има послаб состав од претходната сезона. Во домашниот шампионат моментално се на 5. позиција со 5 победи, едно реми и еден пораз. Поради проблемите со ковид-19, составот на Татабања во споредба со останатите екипи има одиграно најмалку натпревари во домашниот шампионат. Божовиќ смета дека неговиот тим има шанси за третата позиција во унгарската лига.

„Амбициите на раководството на Татабања во домашниот шампионат се различни од претходните години кога имавме силен состав со многу интернационалци и квалитетни ракометари. Никој нас нѐ ни врши притисок да бидеме на третото место, но сметам дека сме доста поквалитетни од останатите екипи од првенството, нормално освен од Веспрем и ПИК Сегед“, заврши Божовиќ.

Натпреварите меѓу Еурофарм Пелистер и Татабања се играат денес и утре во „Боро Чурлевски“ со почеток во 17:00 часот.