Божиќ Павлетиќ: Доаѓањето во Еурофарм Пелистер го гледам како напредок во кариерата

Едно од новите засилувања за Еурофарм Пелистер е хрватското десно крило Јосип Божиќ Павлетиќ.

По настапите за Нексе и Загреб, во минатата полусезона тој играше за бундеслигашот Гепинген, но доаѓањето во Битола го гледа како напредок во кариерата.

„Повикот на Бабиќ дојде случајно. Доаѓањето во овој клуб го гледам како напредок во мојата кариера. Клубот е амбициозен, расте секоја година и мислам дека ги имаме сите предуслови за одлична сезона. Кратка беше моја пауза. Бундеслигата траеше скоро до 1 јули. Но, не се жалам. Професионалец сум и одиме понатаму. Ни следат многу натпревари, ќе има минутажа за секого. Мораме да размислуваме натпревар по натпревар, против секого да играме на победа, па ќе видиме каде ќе дојдеме“, изјави Божиќ Павлетиќ.

Тој ќе ја сочинува двојката на десната крилна позиција со Ненад Костески, додека Мирко Радовиќ повеќе ќе биде користен како десен бек во новата сезона.