Блесок на Лејно, Ѓер преку Есбјерг до финале!

Екипата на Ѓер по деветти пат ќе игра во финалето од Лигата на шампионите, односно по шести пат на финалето на Ф4 турнирот од елитното европско натпреварување откако во полуфиналето го совлада незгодниот состав на Есбјерг, со резултат 32:27 (15:15). Голема заслуга за победата на Ѓер има екс голманката на Вардар, Амандин Лејно, која во последните петнаесетина минути ги откажа упорните ракометарки на Есбјерг.

Двете екипи уште во воведниот дел започнаа со големата борба. Избраничките на Мартин Амброш беа подоминантни во првите десет минути, но при водството на Ѓер од 4:3, ракометарките на Есбјерг со серија од 4:0 направија целосен пресврт и поведоа со плус три гола разлика, 4:7.

Иако голманката на Ѓер, Солберг, бранеше солидно меѓу стативите, сепак, нејзините соиграчки никако не можеа да се вратат во игра и по дваесетина минути игра имаа резултатска негатива од минус два гола, 8:10.

Есбјерг во последните десет минути од првиот дел влезе во криза, дозволи Ѓер да израмни на 14:14, а кружниот напаѓач, Блом, со својот втор гол донесе минимално водство за екипата на Ѓер од 15:14. Ракометарката на Есбјерг, Јакобсен реализираше за 15:15, додека во последните две минути од првото полувреме ниту една од двете екипи не успеа да постигне погодок.

Ѓер за неколку минути игра во второто полувреме дојде до највисокото водство од два гола разлика, 18:16. Есбјерг имаше голем психолошки притисок за камбек во натпреварот и сѐ почесто грешеше во нападите. Ракометарките на Јеспер Јенсен со два гола во низа израмнија на 18:18, но составот на Ѓер возврати со поголема мера и со погодоците на Офтедал, Минко и Пинтеа поведе со плус три во 40 минута, 21:18.

Во тој момент беше скршен отпорот на дебитантот на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Ѓер чекор по чекор градеше сигурна предност, зголеми и на највисоки четири гола, 24:20, и на десет минути пред крајот имаше предност од 27:23. Во последните десет минути немаше поголема промена на резултатот. Ѓер рутински си ја одработи задачата и во утрешното финале ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Мец и актуелниот бранител на титулата, Вајперс Кристијансад.

Најефикасна во составот на Ѓер беше Стине Офтедал со пет погодоци. Во составот на Есбјерг се истакна Хени Рејштад со осум погодоци. Голманките на Ѓер, Силје Солберг и Амандин Лејно имаа вкупно 18 интервенции. Солберг натпреварот го заврши со 11 интервенции, додека Амандин Лејно, која застана на голот во 45 минута, забележа 7 интервенции.