Би се извинил ако некого сум навредил, знам колку ни значат навивачите

Имам само еден апел за утре - само поддршка и ништо друго“, вели Аце Јоновски.

По натпреварот со Холандија кога Македонија загуби со 24-34 на социјалните мрежи имаше информација за наводна вербална пресметка меѓу поранешниот репрезентативец, а сегашен член на стручниот штаб – Ацо Јоновски и дел од „фалангата“ што беше на трибините во „Таурон Арена“. Навивач на ФБ објави дека Јоноски повикувал на тепачка надвор од салата и побараа јавно да се извини за критиката што не ја прифати по завршување на мечот

Стружанецот долги години ги бранеше боите на Струга, Вардар, Пелистер и Металург, а имаше и успешна меѓународна кариера во Бергишер, Ла Риоха, Сент Гален, Силкеборг, Хорта, Ратинген… а беше дел и од најгоелмите успеси на машкиот репрезентативен ракомет на ЕП 2012 и СП 2015 година.

Поранешниот дефанзивец ги отфрла таквите шпекулации и вели дека ниту некого навредувал, ниту повикувал на физичка пресметка.

„Во жарот после натпреварот, во тој набој, сигурно е извадено нешто од контекст, значи никого ниту навредив, ниту нападнав, ви го тврдам тоа. Имам голема почит и благодарност до небо за македонските навивачи кои не бодреа во Гетеборг, Севиља, далечниот Катар…Немав таква намера како што некои пишуваат. Секогаш ни даваат ветер во грб и секоја почит за нив, сигурно не го направиле оној успех на старата генерација ако не беа тие. Јас живеам во странство и Германците секогаш ме прашуваат како толку многу навивачи од една мала и сиромашна држава доаѓаат да не бодрат секаде каде што играме. Во некои моменти тие се лутат, и со право се лути, ние прифаќаме критика и ќе ја прифаќаме во иднина. Треба да се затвориме во соба, да ги средиме мислите и да најдеме начин да ја победиме Аргентина“, вели Јоновски.

Македонија утре го игра последниот натпревар од групната фаза против Аргентина и мора да брка победа за да го фати последниот воз за Катовице, а Јоновски има само една порака.

„Уште еднаш голема благодарност до сите што дојдоа да не бодрат и да ни даваат искрена поддршка. Јас би се извинил, ако некого сум навредил и знам колку ни значеле навивачите, колку ни значат за утрешниот натпревар со Аргентина и колку ќе ни значат во иднина. Ве уверувам дека никого ниту навредив, ниту нападнав. Имам само еден апел за утре – само поддршка и ништо друго“, вели Јоновски.

Натпреварот меѓу Македонија и Аргентина се игра утре во „Таурон Арена“ со почеток во 18:00 часот.