БиХ ја испушти шансата против Германија, местото на ЕП ќе го бара против Австрија

Репрезентацијата на БиХ не успеа да направи изненадување против Германија и забележа пораз од 24:26 на домашен терен така што ќе мора в недела против Австрија да се бори за пласман на Европското првенство.

Ракометарите од БиХ одиграа добар натпревар на кој во еден дел имаа повеќе од играта и успеаја да му парираат на противникот. Сепак, не одеше најдобро бидејќи гостите немаа намера да попуштат и покрај тоа што пласманот на ЕП веќе им е обезбеден.

После 15:15 на полувреме, во вториот дел секој погодок беше максимално важен. Работите одеа одлично во поголем дел од средбата, а како што одминуваше времето така стануваше јасно дека одлуката ќе падне во последните моменти.

Во завршницата играчите на БиХ се обидоа со пресинг да пресечат и да добијат шанса за реми, но примија гол, па капитулираа и загубија со 24:26.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер беа во состав. Јосип Периќ беше најефикасниот во селекцијта на БиХ со шест гола, Стјепановиќ постигна еден, додека Граџан немаше погодоци. Марсел Шилер од Германија со десет погодоци беше најефикасниот на теренот.