„Беше тешко да се игра во ваква атмосфера, најважно е да извлечеме поуки од грешките“

Ракометарите на Вардар и Елверум одиграа натпревар без притисок во рамки на последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите кој го доби македонскиот тим со 39:30.

По завршувањето на натпреварот свое видување имаа тренерот на Елверум, Борге Лунд и играчот Ерик Јохансон му честитаа на противникот за пласманот во oсминафиналето.

„Имавме слаб старт, можеби беше така заради тоа што натпреварот беше без притисок. Потоа успеавме да го кренеме интензитетот на играта и успеавме во тоа до 40-45 минута. Крилата Дибиров и Ѓукиќ ни правеа многу проблеми и ни го нарушија ритамот на игра. Играта седум на шест ни донесе многу грешки и примивме многу лесни голови на празна мрежа. Благодарност до противникот за фер плеј и најважно е да извлечеме поуки и да ги поправиме грешките“, изјави Лунд.

Јохансон беше задоволен од натпреварот и истакна дека последните петнаесетина минути биле клучни за виокиот пораз во одличната амосфера.

„Честитики до Вардар, тешко беше да се игра во оваа атмосфера. Првпат сум тука и интересно е да се игра во ваква атмосфера. Натпреварот го решија последните петнаесетина минути во кои направивме премногу грешки. Сепак сме задоволни што и покрај поразот поминуваме во следната фаза од Лигата на шампионите“, изјави Јохансон.

И Вардар и Елверум продолжуваат со натпреварите од Лигата на шампионите откако завршија на петото и шестото место на табелата.