Беше најдобар стрелец на Вардар во првото СЕХА финале, сега најави крај на кариерата

Некогашното десно крило на Вардар и на чешката репрезентација Јан Собол, по крајот на оваа сезона најверојатно ќе стави крај на богатата кариера.

Тој во моментов е дел од францускиот Дижон, но иако има договор и за следната сезона, сепак најави дека сака да се врати во татковината и да се посвети на семејството.

Македонската јавност го памети Собол како дел од екипата на Вардар што славеше во првото СЕХА финале во Загреб во сезоната 2011/2012. Тој даде шест гола и беше најдобар стрелец во мечот против Металург, кој Вардар го доби со 21-18.

Собол потекнува од Бањик Карвина, играше три сезони во Монпелје, две во Татран Прешов, една во Вардар, па четири во Азоти Пулави, а од 2017 игра во францускиот Дижон. За Чешка настапи на 101 меч и даде 274 погодоци.