Бенфика сака да го симне Порто од тронот – го донесе Јонас Калман!

Ветеранот од Шведска, Јонас Калман денес и официјално беше претставен како нов ракометар во Бенфика.

Во последните седум сезони, Калман настапуваше за унгарскиот шампион ПИК Сегед, но раководството на унгарскиот клуб реши да не го продолжи договорот со шведскиот интернационалец.

Тоа значеше потрага по нов клуб и предизвик на Калман, а португалската екипа реши да го ангажира во своите редови. За 40-годишниот ракометар кој игра на позиција лево крило, Бенфика ќе биде петти клуб во неговата богата кариера.

Освен за Сковде од Шведска, Калман настапуваше и за шпанските клубови, Атлетико Мадрид и Сиудад Реал. Од 2014 година, па се до крајот на изминатата сезона го носеше дресот на ПИК Сегед.

За репрезентацијата на Шведска играше од 2001 до 2017 година. Според статистиката на ЕХФ, има одиграно 222 официјални натпревари за националниот тим на Шведска и постигнато 646 гола.

Со ангажманот на Калман, Бенфика ја најавува кандидатурата за титулата во Португалија, со оглед на тоа што од Порто заминаа дел од најдобрите стрелци.