Барселона рутински го среди Елверум

Актуелниот европски шампион Барселона на свој терен лесно се справи со Елверум триумфирајќи со 40:30, во натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите.

Каталонскиот гигант победата ја најави уште во првото полувреме, во кое најчесто водеше со пет до шест гола разлика. Гостите од Норвешка капитулираат во првиот дел и во вторите 30 минути не можеа да направат нешто повеќе.

Барселона во воведните десет минути дојде до водство од 9:3 и во останатиот дел продолжи да ја полни противничката мрежа. Незапирливи во првите 15 минути од дуелот беа Мем и Ване, кои со своите погодоци ја зголемуваа предноста на домашниот тим. Елверум единствено преку Андерсон и Бломгрен го напаѓаше голот на домаќините, но тоа не беше доволно за намалување на високата негатива.

Избраниците на Карлос Ортега рутински ги одработија последните десет минути од првото полувреме, ги казнуваа грешките на норвешкиот тим и веќе по првиот дел ја имаа обезбедено победата и новите два бода на свое конто. Првото полувреме заврши со резултат 19:12 за домаќините.

Ниту во вториот дел немаше поголема промена на резултатот. Барселона го задржа ритамот од првиот дел и во најголемиот дел од второто полувреме имаше предност од шест гола разлика. Елверум сѐ почесто правеше грешки во нападите и му овозможи на домаќинот да дојде до поубедлива победа.

Најефикасен во победничката екипа беше Луис Фраде со осум погодоци, додека кај Елверум се истакнаа Даниел Бломгерн и Синдре Хелдал со по пет реализации.