Барселона на чекор до Келн, немаше милост за Фленсбург

Ракометарите на Барселона остварија гостински триумф од 29:33 на теренот на Фленсбург во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите и направија голем чекор кон пласман во Келн и одбрана на титулата европски шампион.

Бареслона имаше фуриозен старт, на почетокот поведе со 0:3 и продолжи во ист ритам и доста ефикасно во напад. Фленсбург имаше многу проблеми на почетокот со реализација на нападите и за десет минути постигна само два гола и имаше заостанување од огромни седум гола.

Оваа предност гостите без поголеми проблеми ја одржуваа до крајот на првиот дел предводени од Бен Али и Дика Мем. Во финишот на полувремето Еинарсон намали за пет негатива на Фленсбург, 13:18 на полувреме.

Во продолжението Барселона брзо го врати највисокото водство од седум гола, во 39. Абељо погоди за 17:24. Но следуваше добар период на Фленсбург кој успеа да намали на минус три и со таа негатива влезе во последните десет минути. Сепак до крај на натпреварот ракометарите на Барселона стигаа до сигурна победа.

Најефикасен во тимот на Фленсбург беше Емил Јакобсен со девет погодоци, додека Јоханесен постигна пет погодоци. Бенјамин Буриќ имаше седум одбрани. Во тимот на Барселона перфектен беше Јусуф Бен Али со осум гола, додека Дика Мем постигна шест.