Бабиќ: Лигата на Европа ни е приоритет сезонава, сакаме да донесеме големи имиња во Битола

Тимот на Еурофарм Пелистер и оваа сезона има директно место во Лигата на Европа, а со оглед на тоа што СЕХА лигата не е започната, битолчани играат само во Суперлигата.

Дуелите од групната фаза во ЛЕ ќе стартуваат во втората половина на октомври, а противници ќе бидат познати следната недела. Тренерот Жељко Бабиќ вели дека ова натпреварување е главната цел сезонава.

„Лигата на Европа ни е приоритет оваа сезона. Нашата цел е да одиграме добро во групната фаза и да го осигураме местото во ТОП 16. Важно е да се останеме без повреди и подготвени да ја чекаме елиминациската фаза напролет. Сакаме да играме во европските купови секоја сезона и да донесеме големи играчи во Битола. Секој меч е важен за нашиот проект, и сакаме да бидеме меѓу најдобрите европски клубови“, вели Бабиќ.

Битолчани ќе добијат пет ривали во групната фаза, а листата на потенцијалните противници ќе биде дополнета по завршувањето на квалификациите за групната фаза.