Бабиќ за 24 Ракомет: Исполнив една мисија поради која дојдов во Еурофарм Пелистер

Со победата од 31:22 во Супер купот против Вардар тимот на Еурофарм Пелистер дојде до голем пехар после долга пауза така што успеа да заврши добра работа и има одличен старт на сезоната. Тренерот Жељко Бабиќ со ова направи еден чекор напред така што ова ќе биде сигурно долга сезона во која ќе се очекуваат многу успеси.

„Мислам дека добро го искористивме отсуството на голем дел играчи на Вардар. Имавме поголема ротација и ја задржавме добрата агресивна во одбраната. Имавме 2-3 одбрани по ред на голманите и пенал и натпреварот се промени. Сепак, ширината на клупата пресуди за натпреварот. Слободно можам да кажам дека исполнив една своја мисија, а тоа беше да донесеме пехар во Битола. Се радувам за ова. Сакам да го поздравам тренерот Вујовиќ на кого денеска му беше тешко да игра и сигурен сум дека во Струга ќе биде сосема поинаков натпревар. Вардар е на добар пат и ќе дојде во посакуваната форма“, изјави Бабиќ за 24 Ракомет.

Тој вели дека е среќен доколку ова денеска беше тактика на Вардар за да скрие нешто пред дуелите со Загреб и да не игра со комплетниот ростер и на терен да бидат само дел од играчите.

„Ако беше тактика тогаш сум среќен. Се согласувам за Еурофарм Пелистер и за Вардар дека ќе има многу време за нивните пресметки до крајот на сезоната, но за дуелите од СЕХА ќе биде многу кратко. За класиката меѓу Вардар и Загреб има малку време така што и едниот и другиот тим ќе има голем предизвик“.

Со освојувањето на пехарот се поставува прашањето дали во Битола се веќе подготвени за да нападнат за титулата и после долго време да ја вратат во свој посед.

„Многу тешко е да зборуваме уште сега на таа тема. Мораме да се радуваме на овој момент, а до крајот има уште 6-7 месеци. Вардар е фаворит и понатаму и не треба да се зборувам многу. Сите го следиме во Лигата на шампионите и се радуваме на победите. Кога го гледам Вардар во Лигата на шампионите секогаш сакам да победи“, коментираше тренерот Бабиќ за 24 Ракомет.

Доколку сè оди според планот на турнирот во Струга тогаш овие две екипи би можеле одново да се сретнат и тоа во финалето в недела.